Македонија Кирацовски: ВМРО-ДПМНЕ продолжува со притисоци и со заплашувања

Кирацовски: ВМРО-ДПМНЕ продолжува со притисоци и со заплашувања

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ и понатаму продолжува со злоупотреба на сите државни и јавни ресурси од раководните кадри на владејачката партија за вршење притисоци, заплашувања, повреда на слободата на определување и поткуп врз вработените за изборни цели, вели дополнителниот заменик-министер за информатичко општество и администрација, Александар Кирацоски.

Кирацоски го истакна последниот случај од Велес, каде родител на носител на листата за пратеници во изборната единица 3 од опозициска партија, инаку вработена во Општата болница, била прераспределена од едно на друго работно место за време на распишани избори и сред изборна кампања.

– Сакам недвосмислено да укажам дека ова не е дозволиво. И не само овој случај, туку и сите вакви и слични злоупотреби на службената положба сред изборен процес. Тоа претставува најгрубо поткопување на темелите на демократијата. Ова е за секаква осуда, но и за соодветна одговорност. Затоа, во најскоро време ќе ја посетам Општата болница во Велес за подетално да се запознам со овој случај – додава Кирацоски.

Кирацоски им укажа на сите раководители на државни и на јавни институции дека за секој ваков и сличен случај ќе биде поведена соодветна постапка за утврдување на нивна одговорност. Тој ги охрабри вработените во јавниот сектор да пријавуваат каков било притисок врз нив.