Затвор во кој казна ќе издржуваат само педофили најверојатно ќе се гради во Македонија. Ова засега е само идеја која се разгледува, но директорката на Управата за извршување на санкции, Лидија Гавриловска, смета дека ваков затвор е потребен во земјава, известува „Нетпрес“.
Таа вели дека се разгледува оваа опција и се утврдува дали е во согласност со стандардите на Европсак Унија. Исто така, се анализира како овој систем функционирал во другите земји.
Гавриловска лично смета дека лицата осудени за педофилија треба да бидат одвоени и казната да ја издржуваат во посебна установа.
– Овие лица би требало да се одвојат за да може тимот што ќе работи со нив да се специјализира, како и за да се зголеми безбедноста на овој вид затвореници – вели таа.
Гавриловска додава дека во затворите се преземаат општи активности и се работи според психичко-социјална програма за третман, меѓутоа ресоцијализација за овие престапници нема.
– Нивната состојба не претставува болест која може да се лекува за во иднина да не го повторат делото. За нив педофилијата е сексуална ориентација – вели таа.
Во македонските затвори моментално казна затвор за полов напад врз малолетник издржуват 155 лица, а 80 од нив се осудени за полов напад врз малолетно лице помало од 14 години. Едно лице, пак, е осудено на доживотен затвор и остатокот од својот живот ќе го мине зад решетки.