Македонија Катица Јанева ќе работи кај синот во адвокатска канцеларија, а потоа ќе...

Катица Јанева ќе работи кај синот во адвокатска канцеларија, а потоа ќе се враќа во „Идризово“

Јанева сега има А третман и тогаш има дозвола да оди на работа, да извршува работни задачи, а потоа да се враќа во установата, ни изјави Јовица Стефановиќ, директорот на Управата за извршување санкции

Фото: Архива на Мета.мк

Поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева, се вработила во адвокатската канцеларија на нејзиниот син, Лазар Јанев. Таа ова денеска го објави на својот профил на Фејсбук. Дека Јанева исполнувала услови да работи, за Мета.мк потврди и Јовица Стефановиќ, директорот на Управата за извршување санкции.

„Јанева исполнуваше услови за да почне да работи, бидејќи треба казната да ѝ дојде под 3 години, што значи дека сега има А третман и тогаш има дозвола да оди на работа, да извршува работни задачи, а потоа да се враќа во установата“, ни изјави Стефановиќ.

Претходно, Јанева работеше во библиотеката во затворот и ѝ беше дозволено да користи викенди.

Јанева беше уапсена како осомничена во „Рекет“ на 21 август 2019 година, по што беше во притвор, а по досудената затворската казна од 7 години беше преместена во „Идризово”.

Затворската казна на Јанева ѝ истекува на 21 август 2026 година, но не е исклучена можноста за нејзино помилување, поради примерно однесување.