Хроника Кај скопјанец откриен арсенал оружје и муниција

Кај скопјанец откриен арсенал оружје и муниција

Секторот за внатрешни работи Скопје – Единица за недозволена трговија, до скопското Основно јавно обвинителство поднесе кривична пријава против З.Г. (57) од Скопје, поради сомнеж дека неовластено изработувал и поседувал оружје, односно дека посредувал и тргувал со оружје или распрскувачки материи, како и дека прикривал стоки кои се предмет на криумчарење и вршел царинска измама.

Како што соопшти МВР, по преземени оперативно-тактички мерки, Единицата за недозволена трговија дошла до сознание дека З.Г. набавил поголемо количество оружје и муниција. Дел од муницијата носел во мотоциклот што го управувал, а дел се наоѓала во неговиот дом.

„На 19 октомври 2017 година, околу 18.40 часот, полициски службеници го забележале З.Г. со мотоцикл, марка „априлија“, во близина на пазарот на улица Маџари. Притоа, бил извршен преглед на З.Г. и претрес на мотоциклот и под седиштето биле пронајдени и одземени два сигнални револвера, еден сигнален пиштол и 150 куршуми. З.Г. бил приведен, а по извршените консултации и добиена усна наредба од јавен обвинител, бил извршен претрес во домот и во другите простории на З.Г. на улица Маџари. При претресот биле пронајдени и одземени 54 сигнални пиштоли, два сигнални револвери, осум пневматски пушки, 48 додатоци за цевки за пиштоли, осум спрејови за самозаштита, поголемо количество дијаболи, 5.850 куршуми калибар 9 милиметри за сигнален пиштол, две комбинирани батериски ламби со електричен парализатор, еден дел од пиштол – навлака и две празни пластични кутии за пиштол“, се наведува во соопштението од МВР и се додава дека оружје е доставено на вештачење.