Дописници Јолевски: Важно е да се разберат трендовите при користење на сајбер-просторот од...

Јолевски: Важно е да се разберат трендовите при користење на сајбер-просторот од ИД

Југоисточна Европа, исто како и другите региони, се соочува со предизвици поврзани со редикализацијата и со тероризмот во сајбер-просторот, за што е потребен одговор од НАТО и од земјите партнери на Алијансата.

Ова го нагласи министерот за одбрана, Зоран Јолевски, во обраќањето пред присутните учесници на напредната школа на НАТО посветена на борбата против ИД преку сајбер-просторот, која почна денеска во Охрид.

– За нас од исклучителна важност е да ги разбереме глобалните трендови во врска со користењето на сајбер-просторот од ИД и од другите терористички организации, како и политичките, технолошките, правните и стратегиските аспекти на ова дејствување. Не помалку важно е и регионалното поврзување, соработката, а со тоа и зацврстувањето на евроатлантските вредности во регионот на Југоисточна Европа – додаде Јолевски.

Дополнителна закана е новиот мигрантски бран, кој може да се случи доколку турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ги отвори границите со Сирија.

– Веќе се изградени кампови за бегалците, но се надеваме дека овој бран што се очекува ќе биде само транзитен. Но, најважно е да ја запознаеме јавноста, да го слушнеме јавното мислење и да дискутираме за проблемите затоа што тоа е работа на интегративниот безбедносен сектор – рече на собирот Златибор Минчев, професор од Бугарската академија за науки за безбедност.

На напредната школа на НАТО учествуваат повеќе од 45 претставници од земјите од регионот и од 15 земји од светот, додека предавачи се повеќе од 20 професионалци од НАТО, САД, Израел и од други држави.