Македонија Јолевски и Џонс разговараа за придонесот на Македонија во НАТО-мисијата „Одлучна...

Јолевски и Џонс разговараа за придонесот на Македонија во НАТО-мисијата „Одлучна поддршка“

Министерот за одбрана, Зоран Јолевски, за време на посетата на Соединетите Американски Држави, оствари средба со генералот Џим Џонс, поранешен советник за национална безбедност на претседателот Обама и командант за Европа на Алијансата.

На средбата, како што наведуваат од Министерството за одбрана (МО), биле разменети мислења за глобалната безбедносна ситуација, за кризните жаришта на Блискиот Исток, како и за безбедносните предизвици со кои се соочуваат светот и Европа.

Генералот Џонс, кој како американски генерал беше вклучен во воспоставувањето на мисијата УНПРЕДЕП, го поздравил напредокот што го постигна Македонија во областа на одбраната. Тој високо го оцени квалитетот на придонесот што Македонија го дава во НАТО-мисијата „Одлучна поддршка“.

„Министерот Јолевски ги презентираше аргументите за што поскоро интегрирање на Република Македонија во НАТО. Двата соговорници разменија мислења за тоа како може да се зајакне соработката во областа на одбраната меѓу Македонија и САД, во духот на Декларацијата за стратегиско партнерство и соработка потпишана меѓу двете земји во 2008 година. Иако оваа соработка е оценета како одлична, министерот Јолевски истакна дека постои простор за нејзино уште големо интензивирање“, стои во соопштението на МО.

Јолевски во текот на денот остварил средба и со потенцијален инвеститор од САД во областа на воената индустрија, а биле разменети мислења за потенцијалите за унапредување на соработката во наменската индустрија.

Јолевски го продолжил својот престој во САД со присуство на конвенцијата на Демократската партија, на која се очекува да се потврди номинацијата на Хилари Клинтон за претседателски кандидат.
„Присуството на конвенцијата ќе биде искористено за остварување средби со повеќе сенатори и конгресмени, како и високи функционери на американската администрација“, стои во соопштението.