Во Јапонија денеска се одбележува 10 годишнината од смртоносниот земјотрес во Фукушима, цунамито и нуклеарната катастрофа што го зафатија северниот регион од земјата и однесоа близу 20.000 животи, додека околу половина милион жители беа раселени.
Денеска во 14:46 часот (06:46 по средно-европско време), кога се случи земјотресот, преживеаните со минута молчење, се помолија за жртвите и со букети цвеќиња одеа кон крајбрежјето или на гробовите на загинатите.
Царот Нарухито со минута молк на меморијалната церемонија, изрази длабоко сочувство за жртвите и рече дека сѐ уште има многу работа за целосно надминување на проблемите од оваа катастрофа.
Досега се поправени патишта, железничките линии, живеалишта и друга инфраструктури, за што се потрошени околу 300 милијарди долари, но делот од североисточното крајбрежје на Јапонија сѐ уште е напуштено.