Македонија Јанкулоска: Загрижува регрутирањето странски борци во ИСИС

Јанкулоска: Загрижува регрутирањето странски борци во ИСИС

Петнаесетина лица од Македонија, како доброволци – џихадисти, загинале во воените конфликти во Сирија и во Ирак, откако од средината на 2012 година било регистрирано заминувањето на лица од земјава во овие воени жаришта, било речено, меѓу другото, во обраќањето на министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, на министерскиот форум за внатрешни работи и за правда ЕУ – Западен Балкан, што се одржува во Белград.

„Државите сè повеќе се загрижени за својата безбедност од феноменот на странски терористички борци. Несомнено справувањето со овој проблем наметнува сеопфатен пристап, кој ќе обедини мерки за спречување на радикализацијата која води кон тероризам, пресекување на финансиската поддршка на терористичките организации, енергична борба против насилниот екстремизам, како и промовирање на политичка и верска толеранција“, истакнала Јанкулоска.

Таа ставила акцент на активностите што ги преземаат властите во Македонија за спречување на овие појави, истакнувајќи ги Стратегијата за борба против тероризам 2011-2015, именувањето на национален координатор за борба против тероризмот и измените во Кривичниот закон кои се однесуваат на учество во странска војска, паравојска, полиција, параполиција и во други видови вооружени групи.

За појавата на лажни баратели на азил по визната либерализација и околу проблемот со илегална миграција, Јанкулоска посочила дека од воведувањето на кривичното дело злоупотреба на визната либерализација, биле поднесени кривични пријави против 59 лица, за случаите со илегална миграција, од почетокот на годината досега биле поднесени 13 кривични пријави против 25 лица.