Македонија Јанкулоска: Претстојат денови во кои полицијата повторно ќе биде на тест

Јанкулоска: Претстојат денови во кои полицијата повторно ќе биде на тест

„Македонија и нејзините институции се исправени пред еден од поголемите тестови во поновата историја и затоа од вас се очекува да бидете на висина на задачата. Да бидете истрајни и професионални и да ги почитувате Уставот и законите“, рече денеска министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, во своето обраќање по повод Денот на полицијата, осврнувајќи се на случувањата од протестот што во вторникот се одржа пред Владата.

– Пред нас претстојат денови во кои креаторите на кризи, дестабилизација и на анархија повторно ќе ја стават на тест приправноста, професионализмот и храброста на полицијата. На овие предизвици, потребно е да се одговори на истиот начин како и досега, смирено и  достоинствено, но, исто така, и одлучно, бескомпромисно и пожртвувано. Во овие денови на искушенија, вие со вашето дело испишувате светли страници во современата македонска историја, дело на кое граѓаните ви се благодарни и кое ќе го паметат, а идните генерации ќе знаат да го вреднуваат и споменуваат – рече Јанкулоска.

Министeрката го спомена и неодамнешниот напад на полициската станица во Гошинце, по кој, како што рече Јанкулоска, поедници се обиделе „да внесат поделби и раздор, инсинуирајќи дека една од варијантите била режирање на нападот од самата власт“.

– Монструозност, која покажува на што сè може да е подготвен еден ум, расипан од болната амбиција, без работа и проекти, со подметнувања да се дојде на власт. Четворицата колеги знаат, а знаат и сите оние што се инволвирани во истрагата, колку се извитоперени овие конструкции. Добро е што со секој изминат ден и со секое ново сознание, истите се демантираат – порача Јанкулоска.

Во своето обраќање, Јанкулоска, давајќи своевидна ретроспектива на работата на МВР и на полицијата за период од една година, ги посочи неодамна потпишаниот нов колективен договор, зголемувањето на платите на полицајците и, како што рече, бројни проекти, акции и кампањи, зголемувајќи го  присуството меѓу граѓаните што резултираше со намалување на бројот на нарушувања на јавниот ред и мир, намалување на бројот на убиства и на другите тешки кривични дела.

Министерката нагласи и дека Министерството и полицијата биле силно погодени од смртта на четворицата пилоти Драги Мицев, Марјан Трајковиќ, Тоде Орешков и Иљо Лопатички, кои загинаа во падот на хеликоптерот што го пилотира во близина на Струмица.

– Ние загубивме врвни професионалци, соработници и пријатели, а нивните најблиски загубија татковци, сопрузи, браќа и синови со кои секој би се гордеел. Драги, Марјан, Тоде и Иљо засекогаш ќе останат во нашите сеќавања – рече Јанкулоска.