Македонија Јанкулоска: Даваат изјави, а не ги знаат прописите

Јанкулоска: Даваат изјави, а не ги знаат прописите

Акцијата на МВР Јанкулоска ја оцени како успешна и најави дека ќе продолжат со слични акции и со поголем интензитет

Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, денеска одби да ги коментира изјавите во врска со контрадикторностите околу учеството на полицијата во минатонеделната акција на УЈП и на Пазарната инспекција во Скопје, Куманово и во Тетово.

Забуната што се сoздаде во јавноста, дојде по спротивставените изјави на заменик директорот на УЈП и заменик министерот за внатрешни работи околу дали полицијата била повикана или самоволно била присутна на терен.

– Јавноста нема потреба да се занимава со постапувањето на институциите, односно со организацијата на нивната работа.Тој што кажал дека претставниците на МВР се дојдени самоволно, очигледно не ги познава прописите и јас не би сакала да се доведам во ситуација да интерпретирам изјави на луѓе кои не почувствувале потреба да се запознаат со законската регулатива – изјави Јанкулоска.

Таа, минатонеделната акција ја оцени како доста успешна и најави дека ваквите акции ќе продолжат, со поголем интензитет.

– Активностите што ги спроведуваа УЈП, Пазарната инспекција и МВР завршија успешно, детектирани се огромен број на прекршоци, санкционирани се сторителите, поднесени се барања за прекршочна постапка, а многу од објектите каде што се констатирани посериозни прекршувања на законот се затворени и изречена им мерка забрана за извршување дејност. Успешноста на овие акции само ја потврдува нивната оправданост и ни дава право да го зголемиме интензитетот на ваквите акции – рече Јанкулоска.

Министерот за економија, Беким Незири, пак, остро реагираше по случувањата во петокот и најави дека на денешната владина седница ќе побара одговорност од организаторите на акцијата.