Македонија Јанева доби „амин“ за милион евра, помошниците ѝ ги преполовија

Јанева доби „амин“ за милион евра, помошниците ѝ ги преполовија

Финансискиот и општиот работен план на специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, денеска беа одобрени од Советот на јавни обвинители. Сепак, за нив треба да одлучи Владата, која треба да ги одобри парите што ги побара Јанева. Таа побара повеќе од еден милион евра за до крајот на годината.

– Финансиските планови ги дискутиравме и мислам дека тие се работа на Владата и на Собранието, кои треба да ги имплементираат. Имаше некои чудни барања. Главно, ние одлучуваме за бројот на обвинители – изјави претседателот на Советот на јавни обвинители, Петар Аневски.

И Јанева потврди дека Советот не интервенирал во финансискиот план.

Советот на јавни обвинители, по повеќе од три часа расправа, денеска донесе одлука да го преполови тимот на Катица Јанева и наместо предложените 14, одобри само седум помошници-обвинители.

Oд предложените кандидати не е прифатен ниту еден од скопското обвинителство.

Јанева за одлуката на Советот на јавни обвинители дозна од новинарските екипи, по завршувањето на седницата. Таа изјави дека не се согласува со одуката и најави дека стои зад својот тим од 14 јавни обвинители и ако е потребно, секој ден ќе бара Советот да ја промени својата одлука.