Економија Извозот и увозот намалени, во однос на истиот период лани

Извозот и увозот намалени, во однос на истиот период лани

Според податоците на Државниот завод за статистика, вкупната вредност на извозот на стоки во периодот јануари- мај 2015 година изнесува 1.751.496.000 долари и во однос на истиот период лани, кога изнесувал 1.946.119.000 долари, е намален за 194.623.000 долари.

И кај увозот е забележано намалување од 449.592.000 долари. Увозот во периодот јануари-мај годинава изнесува 2.526.927.000 американски долари, а лани во истиот период изнесувал 2.976.519.000 долари.

Покриеноста на увозот со извоз е 69,3 проценти. Трговскиот дефицит, во периодот јануари- мај 2015 година, изнесува 775.432.000 долари.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, фероникелот, сетови на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, производите од железо и од челик (валани производи) и облеката.

Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), електричната енергија и другите метали од платинската група и нивните легури, необработени или во облик на прав.

Во периодот јануари-мај 2015 година, најголемо учество во извозот на стоки имаат земјите-членки на ЕУ (76,9 проценти) и земјите од Западен Балкан (11,5 проценти), а во увозот на стоки најголемо учество имаат земјите-членки на ЕУ28 (63,3 проценти) и други земји (12 проценти).

Според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Република Македонија, најмногу тргува со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и со Бугарија (50,8 проценти од вкупната надворешно-трговска размена се врши со овие пет земји).