Македонија Иванов, Вељаноски и политичките партии упатија честитки по повод празникот

Иванов, Вељаноски и политичките партии упатија честитки по повод празникот

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, по повод празникот Св. Климент Охридски, упати честитка до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан.

„Свети Климент е основоположник на Охридската книжевна школа, чии ученици станаа учители на словенскиот свет. Оттогаш, па сè до денес, неговото дело е вградено во секоја буква што ќе ја напишеме и во секој збор што ќе го изговориме. Просветлувајќи нè, тој ни даде голема творечка и духовна слобода и ни остави богато духовно и културно наследство со кое ретко кој народ може да се пофали“, стои во честитката на Иванов.

Претседателот наведува дека св. Климент, учејќи нè на универзалните вредности и принципи на солидарност и на хуманост, нè повикува „да се обновиме со добрина и со чистота, и животот да ни биде достоен по светост, а не само по име да се нарекуваме христијани“.

„Наредната 2016 година треба да мине во знакот на одбележувањето на 1100-годишнината од упокојувањето на св. Климент Охридски. Сеќавајќи се на нашиот голем народен светител и учител, треба да останеме достојни на неговото наследство. А тоа ќе го постигнеме ако во сè што правиме се престигнуваме во добрина“, вели Иванов, додавајќи дека МПЦ- ОА, како чувар на споменот и наследството на св. Климент Охридски, има постојана задача да биде глас на мирот и на добрата мисла, утехата и на надежта во Република Македонија.

Честитка по повод празникот упати и претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски.

„Празникот посветен на свети Климент Охридски е почитување и уважување на делото на духовниот водач на македонскиот народ во историјата. Неговиот труд е безвременски, тој е придонес за христијанските вредности и за македонската национална култура. Создавањето на кирилското писмо кое просветли многу народи и стана движечка сила во христијанската богослужба е дел од плодовите на неговата работа кои како денес, така и во иднина ќе останат врежани во нашето историско наследство. Кога го празнуваме овој голем просветител да се потсетиме дека успешно ја продолжи мисијата на Светите браќа Кирил и Методиј во описменување и јакнење на христијанството кај луѓето, ја создаде Охридската архиепископија и Охридската книжевна школа кои се цивилизациски почеток на една светла епоха на ширење на христијанската вера“, стои во честитката на Вељаноски и се додава дека денешниот христијански празник треба биде водилка за уште поголеми достигнувања и промовирање на воспоставената традиција на заедничко почитување и помагање.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во честитката до граѓаните на Македонија истакна дека денот посветен на свети Климент Охридски е ден кога се одбележува неговата апостолска дејност и ден кога се афирмираат заедничките христијански и цивилизациски вредности на човекољубие и на надеж за подобар и попросперитен свет.

„Неговото дело не е само наше духовно и културно богатство, туку тоа е дел и од темелите на европската цивилизација и култура и претставува европски цивилизациски симбол. Големината на делото на Светиот Климент Охридски е долг кон него и претставува аманет и обврска кон идните генерации да ја почитуваат нашата традиција и духовно наследство, но и да го чуваат и шират духот на неговата мисија и дело за споделување со светот на нашата традиција и култура, како и нашето големо духовно и културно богатство“, пишува во честитката од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во својата честитка по повод празникот наведува дека делата на свети Климент Охридски нè обврзуваат сите да ги следиме, промовираме и заеднички да ги поттикнуваме патеките на меѓусебно разбирање, почитување и помагање.

„Чествувањето и почитувањето на делото на основоположникот на Охридската книжевна школа и творецот на кириличното писмо, свети Климент Охридски, кој целиот свој живот го посветил на просветителство и на описменување, е од огромно значење за зачувувањето и за унапредувањето на македонската култура и цивилизациските вредности со универзално значење. Со одбележувањето на овој ден, се потсетуваме и на суштинското значење на солидарноста и почитувањето на заедничките вредности кај луѓето“, стои во честитката од Заев.