Македонија Иванов упати писмо со сочувство по повод смртта на Џон Битов

Иванов упати писмо со сочувство по повод смртта на Џон Битов

Писмо со сочувство до Џон И. Битов помладиот, упати претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, по повод смртта на канадскиот стопанственик со македонско потекло Џон Битов.

Иванов наведува дека со длабоко жалење ја примил веста за смртта на неговиот татко.

„Џон Битов беше голем македонски родољуб и филантроп, кој ја сакаше Македонија и со зборови и со дела. Тој даде пример за тоа како треба да се промовира вистината за Македонија и како треба да се негуваат македонското име, идентитет и вредности. Во таа смисла, тој беше уверен дека никој не може да ни ја одземе нашата сопствена независна земја со слободите кои се заработени и името кое е избрано од Македонците“, стои во писмото со сочувство до семејството Битов.

„Речиси четвртина век“,  посочува Иванов, „Џон Битов упорно работеше за поддршка на развојот и за напредокот на Република Македонија како независна, суверена и демократска држава, како и за нејзина меѓународна афирмација, особено во односите со пријателска Канада. Затоа, кога прославувавме 20 години од независноста, ја имав честа, во името на благодарните македонски граѓани, да го одликувам господинот Џон Битов со орденот „8 Септември““.

„Многумина Македонци се инспирирани од него и чекорат по неговите стапки, инвестирајќи во својата татковина. Република Македонија е горда што го имаше Џон Битов, кој ја поддржуваше државата и ги застапуваше нашите интереси на глобално ниво. Тој почна процес на сплотување за повисоката цел и јас сум навистина почестен што лично го познавав“, наведува претседателот Иванов.