Македонија Иванов: Да се слушне мислењето на сите за новите образовни мерки

Иванов: Да се слушне мислењето на сите за новите образовни мерки

„Ја следам дебатата за предложените нови законски мерки. Неопходно е да се слушнат сите страни  и заеднички сите да го најдеме најдоброто решение. Автономијата на универзитетите е уставно загарантирана категорија и мора да се почитува“, истакна претседателот Ѓорѓе Иванов на годишното обраќање во Собранието.

Тој додаде дека образованието се трансформира секаде во светот и ако порано државата ги избирала и одредувала профилите на кадрите, сега тоа го прави пазарот и бизнисот. Иванов истакна дека се менува концептот за високото образование.

– На Македонија ѝ се потребни студенти и професори според врвни стандарди за да бидат препознатливи и конкурентни на глобалниот пазар на знаење. Невозможно е да се проектира иднината на Македонија без успешна трансформација на образованието бидејќи иднината на државата зависи од квалитетот на високото образование, како што и тоа зависи од квалитетот на претходните степени на образование – нагласи Иванов.

Во обраќањето, претседателот зборуваше и за приемот во Европска Унија, како и тоа дека напредокот на државата не зависи само од Македонија. Во тој контекст ја спомена и блокадата од нашиот јужен сосед.