Македонија Иванов се сретна со Коѕиас

Иванов се сретна со Коѕиас

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, и министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕиас, размениле мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, при што Иванов го поздравил усогласувањето на мерките за доверба меѓу двете земји, оценувајќи дека тоа претставува значаен чекор за понатамошно унапредување на билатералните односи и може да придонесе за создавање позитивна атмосфера за надминување на разликата околу името.

Претседателот Иванов констатирал дека и покрај отвореното билатерално прашање, соработката меѓу двете општества никогаш не била на подобро ниво и порачал дека политичарите треба да ја следат таа нова реалност што постои меѓу општествата, граѓаните и бизнис-заедницата на двете земји, информираат од претседателскиот кабинет.

– Република Македонија опстојува на определбата за градење добрососедски односи и сестрана соработка и се залага низ отворен дијалог да се бара решение за надминување на разликата за отвореното прашање – рече претседателот Иванов.

Од кабинетот на Иванов информираат дека двајцата соговорници се согласиле за неопходност од соработка и од доверба на македонските и на грчките разузнавачки и полициски служби за заканите со кои се соочува регионот, но и за заканите по националната безбедност на двете земји.