Македонија Иванов: На 11 декември очекувам да биде поздравена и признаена волјата на...

Иванов: На 11 декември очекувам да биде поздравена и признаена волјата на граѓаните

„На 11 декември, ве повикувам да излезете и да го остварите вашето право на глас и да ја исполните вашата граѓанска должност. Повикувам да гласате по сопствено убедување и да ја дадете довербата на онаа политичка партија и опција за која верувате дека е најдобриот избор за вас и за Република Македонија“, стои во пораката на претседателот на државата, Ѓорге Иванов, по повод предвремените парламентарни избори.

Тој ги повика сите кои се вклучени во изборниот процес да покажат достојно ниво на политичка култура и да ги почитуваат Уставот и законите на Македонија.

„Ги повикувам надлежните институции задолжени за регуларноста на изборниот процес да дејствуваат во согласност со законските норми и правила. Да не подлежат на никакви притисоци и да немаат толеранција, ниту милост за оние кои на каков било начин ќе се обидат да го попречат или да го нарушат изборниот процес. Како држава, не смееме да дозволиме да има ниту еден аргумент за оспорување и за дискредитирање на изборниот процес. Во демократска атмосфера, како што доликува на една демократска земја, очекувам на 11 декември едногласно да биде поздравена и признаена волјата на граѓаните, која ќе го означи почетокот на крајот на политичката криза и ќе претставува почеток на национално помирување во Република Македонија“, стои во пораката од Иванов.