Македонија Иванов: Безбедносните сили се подготвени за евентуален втор мигрантски бран

Иванов: Безбедносните сили се подготвени за евентуален втор мигрантски бран

Македонските безбедносни сили се подготвени за евентуален втор мигрантски бран, изјави денеска претседателот на Република Македонија и врховен командант на вооружените сили, Ѓорге Иванов, кој во придружба на началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски, ги посети припадниците на АРМ ангажирани на јужната граница.

Според него, иако балканската рута е затворена неколку месеци, Армијата констатира зголемен број илегални минувања на државната граница и појава на криумчарење мигранти преку нашата територија.

– Армијата заедно со полицијата има спречено 18.000 илегални преминувања – истакна Иванов.

Зачестено е и уништувањето на заштитната ограда, посочи претседателот.

– Досега се забележани и евидентирани околу 700 обиди на сечење на оградата и уништување. Тоа кажува дека иако балканската рута е затворена, сепак голем број мигранти, бегалци, економски мигранти настојуваат да ја пробијат нашата заштитна ограда и да влезат и да го активираат овој коридор кој сега е затворен – додаде Иванов.

Одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали Македонија треба да го следи примерот на Србија и на Бугарија и да повлече повеќе припадници безбедносни сили, претседателот Иванов рече дека засега има доволен број припадници на АРМ и на полицијата на јужната граница и тие си ја извршуваат својата работа. Настаните, посочи тој, се следат дневно и како постои потреба така и бројот на војниците се зголемува.

– Нам ни треба во овој период Армијата да е одморена. Ако дојде евентуално вториот бран, да биде подготвена, како и минатиот пат да се справи со сите тие предизвици – рече претседателот.