Македонија Иванов: И Исус и Мухамед да се јават сега во Македонија –...

Иванов: И Исус и Мухамед да се јават сега во Македонија – ќе ги убијат

Модераторот на панелот на денешниот самит на процесот „Брдо-Бриони“ во Сараево му поставил прашање на претседателот Ѓорге Иванов „Како Александар Македонски денеска би се снашол во бизнисот во Македонија,“ на што тој одговори дека ќе ја промени приказната и ќе одговори дека „и Исус Христос да се јави ќе го убијат“.

– Исто важи и за Мухамед. И тој да се јави ќе го убијат. Не е неопходна сила, туку ум. Умот војува. Александар Македонски бил тоа што бил затоа што имал учител кој се викал Александар (овде Иванов прави лапсус, и веројатно мисли на Аристоттел), кој го научил се, да биде трпелив, да се учи од другиот, да го искористите моментот и да бидете подготвен на жртви – одговори Иванов на прашањето на модераторот.

Говорејќи за односот на Европската Унија кон Македонија, Иванов истакнал и дека „стоиме во место бидејќи судбина ни било да имаме сосед со кој не може да излезе на крај ниту цела Европска Унија, ниту целиот свет. Се вика Грција.“

– А сакаат ние со нив да излеземе на крај, да најдеме решение за нешто што е наш идентитет и наша посебност, да менуваме име, идентитет, јазик, топоним. Кој ќе каже дека „Т’ га за југ“ не е македонски бренд, кој ќе каже дека музика од Македонија не е македонска музика, дека ајварот не е македонски продукт. Сакате сето тоа да ни го земете. Не го даваме – истакнал Иванов.