Македонија Иванов го поздрави договорот и побара покана за членство

Иванов го поздрави договорот и побара покана за членство

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, го поздрави договорот на политичките лидери, постигнат во посредништво на еврокомесарот Јоханес Хан и на европратениците Едвард Кукан, Иво Вајгл и Ричард Ховит.

– Очекувам во најкраток можен рок да се нормализира политичката клима и да се врати целосната посветеност на евроинтеграциите на Република Македонија. Токму на ова поле ни претстојат предизвици, за кои ни се потребни обединетост, меѓусебна доверба и меѓусебна соработка. Затоа, европската агенда мора повторно да биде прв приоритет на дневниот ред во Република Македонија – истакна Иванов.

Според Иванов, следува период кога институции ќе треба да го покажат својот капацитет и подготвеност да се справат со сето тоа што се наоѓа на евроатлански пат. Тој им порача на политичките партии сериозно да си ја сфатат улогата што ја имаат во општеството и да ги анализираат последиците од сите нивни активности и неактивности.

Иванов им се заблагодари на претставниците на Еврокомисијата и на Европарламентот, како и на амбасадорите на ЕУ и на САД, кои беа вклучени во преговорите за решавање на кризата.

– Со постигнатиот договор сите ја препознавме европската моќ на обединување. Барам Европскиот совет да ја вреднува покажаната конструктивност на политичките лидери и во најскоро време да донесе одлука за почеток на пристапните преговори за членство во Европската унија, како важен услов за продолжување на македонската европска интеграција и демократизација, но и како брана за превенција од вакви и слични кризи во иднина – рече Иванов.

Претседателот истакна дека враќањето на довербата на граѓаните во државните институции е клучно за демократијата во Македонија и порача дека отсуството на дијалогот и непочитувањето на институциите, се во основата на секоја криза што сме ја имале досега.