Македонија Иванов: Да ги зајакнеме добрите меѓучовечки односи

Иванов: Да ги зајакнеме добрите меѓучовечки односи

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до сите православни христијани како и до сите верници на Евангелско-методистичката црква во Република Македонија.

„Дозволете ми на сите верници од православна вероисповед и на сите верници на Евангелско-методистичката црква во Република Македонија да упатам искрени честитки по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден. На овој голем христијански празник кога ја славиме победата на животот над смртта, се присетуваме дека токму почитувањето на христијанските вредности и верата го зачувуваа народното битие и македонското духовно наследство. Соживотот и религиското почитување придонесоа за зацврстувањето на меѓуверскиот дијалог во земјава. Наша должност и во иднина е да ја пренесеме пораката за вистината за верата која ја живееме, да ги чуваме и да ги почитуваме традиционалните вредности, да бидеме поцврсти и поединствени, зајакнувајќи ја солидарноста, праведноста и добрите меѓучовечки односи“, стои во честитката од Иванов.