Култура Иван Петрушевски – Флим со фото-изложба во Атина

Иван Петрушевски – Флим со фото-изложба во Атина

Ова е трето учество на Флим на колективна изложба во Атина

Уметникот и графички дизајнер Иван Петрушевски – Флим изложува свое дело на колективната изложба на фотографии „Сеќавања“ во Атина. Изложбата се отвори синоќа, во галерискиот простор „Хоростасио“ во Атина и ќе биде достапна за посетителите до 16 декември.

Темата на изложбата е поврзување на значењето на сеќавањата и носталгијата преку фотографијата како медиум. Водечката идеја е дека фотографијата сама по себе е сеќавање, бидејќи како медиум отсликува и оживува само еден уловен момент.

Ова е трето учество на Флим на колективна изложба во Атина.

– Веќе подолго време се дружам и соработувам со дизајнери и со уметници во Атина, па поканата за учество на оваа изложба дојде како резултат на таа дружба – вели Флим за новинската агенција „Мета“.

Фотографијата која ја изложува посочува дека е една од неговите омилени, а тематиката совршено се вклопила со целата приказна на изложбата. Фотографијата е омилено хоби на Флим, кој главно е фокусиран на графички дизајн и на илустрации.

– Фотографијата е како бегство од реалноста, ме опушта од стегите и од стресот на крајните рокови кои се секојдневие на дизајнерите и на илустраторите. Фотографијата ја работам за себе, без никакво брзање и ограничување – ни изјави Флим.

Во Атина е одлично прифатен, пред неколку години еден од неговите дизајни за маица беше добитник на престижната грчки награда за графички дизајн „Евге“ .

Петрушевски има дипломирано историја на уметност на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а со графички дизајн и со илустрации се занимава 10 години. Досега има две самостојни изложби во Скопје, а учествувал на голем број колективни изложби и дома и низ светот.