Македонија Истражување: Студентите не гласаат на студентски избори

Истражување: Студентите не гласаат на студентски избори

Младински образовен форум за вчерашната трибина „Студентот како носител на општествени промени“, го презентираше резултатите од истражувањето „Студентот како носител на општествени промени – истражување за локусот на контрола“.

Според резултатите од истражувањето, поголемиот број студенти имаат надворешен локус на контрола, односно сметаат дека не можат да влијаат за промена на својата средина и сметаат дека контролата за општествените случувања е надвор од нив. Степенот на конформизам и на граѓанска одговорност е нормално распространет низ студентската популација, односно бројот на конформисти и неконформисти, граѓански одговорни и неодговорни не се разликува статистички значајно.

Единствена значајна разлика помеѓу студентите што членуваат и тие што не членуваат во граѓански организации, е што првите чувствуваат поголема граѓанска одговорност за разлика од тие што не членуваат во граѓанска организација, додека за останатите варијабли (конформизам, локус на контрола) не е утврдена статистички значајна разлика.

Дополнително, 63,5 проценти од испитаниците никогаш не гласале на студентски избори; 51,6 отсто не присуствувале на дебата на студентски теми; 40 проценти не присуствувале на студентски протести; 71,3 отсто никогаш не организирале настан за студенти; 60,4 проценти не волонтирале за организација на студентски настан; 46,3 отсто никогаш не го споделуват својот став на социјалните мрежи за актуелните политики и институционални мерки кои се наменети за студентите; 76,1 проценти никогаш немаат објавено статија или колумна во медиум за одредена студентска проблематика.