Дописници Интерпелација за претседателката на битолскиот совет, Силвана Ангелевска!?

Интерпелација за претседателката на битолскиот совет, Силвана Ангелевска!?

Котевски денеска побара да се стави на дневен ред прашањето за гласање на доверба за преседателката Ангелевска

Советникот на НСДП од Битола, Благојче Котевски, денеска на седница на Совет побара интерпелација за претседателката на советот, Силвана Ангелевска од ВМРО-ДПМНЕ. Советникот обвини дека таа недолчино се однесува на седниците на Совет, дека во изминатите две години ги деградира и омаловажува советниците од опозицијата, особено тие што се обидуваат од говорница да ја критикуваат работата на локалната власт и на градоначалникот Владимир Талески.
– Чашата ја прели последната седница на Совет кога Ангелевска се обиде да ме исмејува, а нејзиното однесување зад мојот грб беше документирано со видеоснимка. Таа видеоснимка стана вистинска медиумска сензација, со повеќе од 50.000 прегледи за две недели – рече Котевски.
Котевски денеска побара да се стави на дневен ред прашањето за гласање на доверба за преседателката Ангелевска, но советниците од власта не го дозволија тоа.
– За нас не е изненадување ваквото однесување на власта. Тие денеска имаа шанса да ја поправат грешката, од однесувањето на претходната седница, но тие продолжија со деградирање на Советот и на институциите на државата. Во недостиг од аргументи, тие се служат со разни дофрлувања и со симнување на нивото на дебатата – рече Котевски, советник на НСДП.
На барањето на Котевски да се гласа доверба за Ангелевска, дел од советниците на влaстa бурно реагираа, па некои од нив дури ја напуштија седницата.

А.Б.