Македонија Имотот на Мијалков запленет во „Империја“ ќе оди на лицитација

Имотот на Мијалков запленет во „Империја“ ќе оди на лицитација

Мијалков лани призна вина и се спогоди со Обвинителството за случајот „Империја“. Со спогодбата, тој е осуден на 3 години затвор и ќе треба да исплати 6,1 милиони евра во кеш за уделот во хотелот Мериот. Одземен му беше и имот во вредност од над 30 милиони евра

Фото: Архива на Мета

Имотот на поранешниот шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков во предметот „Империја“, ќе биде ставен на лицитација, објави Агенцијата за управување со одземен имот.

Директорот на Агенцијата, Дритон Небиу во извештајот за првите 100 дена од неговата работа, пишува и дека во скоро време се очекува да има конфискација на имот за случаите за кои има судски пресуди – случајот „Труст“, попознат како „Трансмет“, како и стариот случај „Бачило“.

„За неколкуте мошне актуелни случаи за конфискација, веднаш преземав иницијативи со дадена поддршка и соработка од министерот за правда Кренар Лога и преземавме активности за нивно обелоденување и што поскоро нивно извршување. Имено, станува збор за: Случајот „Империја” во врска со имотот на Сашо Мијалков, случајот „Труст“ или познат меѓу народот како „Трансмет“, случај „Бачило” или познат како Иснифарис Џемаили. Конфискуваниот имот на Сашо Мијалков за кратко ќе биде објавен на јавното електронско наддавање кое Агенцијата ќе го изработи согласно законот и по согласност на Владата“, изјави Небиу.

Пред точно една година, Мијалков призна вина и се спогоди со Обвинителството за организиран криминал за случајот „Империја“. Со спогодбата, Мијалков е осуден на 3 години затвор и ќе треба да исплати 6,1 милиони евра во кеш за уделот во хотелот Мериот. Одземен му беше и имот во вредност од над 30 милиони евра.

Мијалков се спогоди за „Империја“: Три години затвор и ќе му конфискуваат 36 милиони евра

Во април лани и бизнисменот Орце Камчев потпиша спогодба и призна вина за случајот „Империја“, со што беше осуден на една година затвор. Камчев во државниот буџет врати над 5,2 милиони евра.

Случајот „Империја“ беше отворен во 2018 година од страна на поранешното СЈО за злосторничко здружување, оштетување или повластување на доверители, злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари и други приноси од казниво дело.