Македонија ИЈЗ: За една недела 3.209 заболени од грип и еден смртен случај

ИЈЗ: За една недела 3.209 заболени од грип и еден смртен случај

Во текот изминатата недела (од 18 февруари до 24 февруари), регистрирани се 3.209 заболени од грип, што е за девет отсто зголемување споредено со минатата недела кога беа регистрирани 2.943 заболени од грип, се наведува во извештајот на Институтот за јавно здравје.

Во текот на оваа недела, регистриран е еден смртен случај поврзан со грип. Станува збор за лице на возраст од 86 години од Скопје, кој бил хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби.
Оваа недела, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ пристигнати се 115 материјали за тестирање на грип, од кои 77 (67 отсто) позитивни за присуство на вирусот на грип – 67 Инфлуенца A(H1)пдм, осум Инфлуенца A(H3) и два Инфлуенца А несуптипизиран.

Најголем број заболени (1.936) се пријавени во најголемата возрасната група од 15 до 64 години, а највисока инциденца од 350,3 на 100.000 жители е регистрирана кај децата на возраст до четири години.

Најголем број заболени се пријавени од подрачјето на Центарот за јавно здравје Скопје (576), а највисока инциденца е регистрирана на подрачјето на подрачната единица Кавадарци.

Во сезоната 2018/2019 вкупниот број на заболени од грип изнесува 12.523. Најголем број од пријавените случи се регистрирани во февруари – 8.398 заболени или 67,1 отсто.

Согласно податоците од центрите за јавно здравје и подрачните единици, вакцинирани се 19.348 лица.