Македонија Игор Дурловски го напушта Собранието: Пратеничката фотелја боде, кога политичката прагма станува...

Игор Дурловски го напушта Собранието: Пратеничката фотелја боде, кога политичката прагма станува поважна од моралот

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Дурловски се повлече од пратеничкото место и го напушта Собранието, објави тој на неговиот фејсбук-профил.

„Националните интереси, правда за неправедно прогонетите и нормална држава за нашите деца беа/се мои приоритети. Пратеничката фотелја боде кога политичката прагма станува поважна од моралот. Затоа, го напуштам Собранието на Република Македонија, а на колегите од коалицијата „За обнова на Македонија“ им посакувам истрајност, доследност, мудрост, којашто сум сигурен дека ја имаат. Тоа што го зборував не можам да го направам, но сега нема да зборувам а ќе продолжам да го правам! Останувам доследен на моите поддржувачи и нивниот глас. Нека ни е честит денот на македонската револуционерна борба,“ напиша Дурловски.

Како еден од организаторите на протестите на „За заедничка Македонија“, за Дурловски се водеше обвинение за насилството во Собранието на 27 април, но беше прогласен за невин.

Поранешниот претседател Ѓорге Иванов на Дурловски му врачи Орден за заслуги за Македонија, по повод 9 мај, Денот на победата над фашизмот. Дурловски тогаш беше директор на Македонската опера и балет.