Свет Идентификуван напаѓачот кој уби едно и рани три лица на колеџ во...

Идентификуван напаѓачот кој уби едно и рани три лица на колеџ во Аризона

Властите на сојузната американска држава Аризона соопштија дека вооружениот напаѓач кој денеска уби едно и рани уште три лица на Универзитетот „Северна Аризона“ во Флагстаф е идентификуван како Стивен Џонс, 18-годишен бруцош на Универзитетот, јавуваат медиумите во САД.

Според информациите, Џонс извадил пиштол по расправија со неколку студенти на паркиралиште во кампусот и почнал да пука. Тројцата ранети студенти, со повеќе повреди од куршуми, се хоспитализирани во медицинскиот центар во Флагстаф, но засега нема информации за нивната состојба.

Шефот на полицијата во кампусот, Грегори Фолер, изјавил дека засега не се знае што било причина за расправијата што му предходела на пукањето. Тој додал дека осомничениот Џонс не се обидел да побегне по пукањето и дека соработувал со полицијата.

Пукањето на Универзитетот во Аризона се случува по само една недела откако на колеџот во Орегон вооружен напаѓач уби 10 лица.