Свет Европа Идентификуван еден од напаѓачите во Париз

Идентификуван еден од напаѓачите во Париз

Еден од напаѓачите што во Париз убија најмалку 129 луѓе и повредија повеќе од 350, е идентификуван од француските истражители.

29-годишниот Омар Исмаил Мостефаи, бил идентификуван од отсечен прст пронајден на местото на еден од нападите.

Мостефаи бил француски државјанин кој имал историја на ситен криминал и за кој било познато дека се радикализирал.

Координираните напади на 13 ноември погодија шест различни локации во францускиот главен град, вклучително концерна сала, стадион, ресторани и барови.

Седум тешко вооружени напаѓачи, кои носеа експлозивни појаси, беа убиени. Милитантите на Исламска држава ја презедоа одговорноста за нападите, посочувајќи дека тие се одмазда за француските воздушни напади против екстремистичката група во Сирија и во Ирак.

Францускиот претседател, Франсоа Оланд, воведе вонредна состојба по најсмртоносниот терористички напад во Европа по бомбашките напади во Мадрид во 2004 година.