Свет Балкан Хрватскиот Врховен суд му ја укина пресудата на Санадер за случајот „Фими...

Хрватскиот Врховен суд му ја укина пресудата на Санадер за случајот „Фими медиа“

Врховниот суд на Хрватска ја укинал неправосилната пресуда против поранешниот премиер и претседател на Хрватската демократска заедница (ХДЗ), Иво Санадер, за случајот „Фими медиа“, јавува хрватската државна телевизија ХРТ.

По одлуката на Врховниот суд, Санадер може да излезе од притвор доколку плати кауција во износ од 12,4 милиони куни, односно 1,6 милиони евра.

„Пресудата е укината, а притворот, кој е продолжен во случајот „Фими медиа“ поради опасност од бегство, е заменет со гаранција од 12,4 милиони куни“, ја цитира ХРТ изјавата на портпаролот на жупанскиот суд во Загреб, Крешимир Девчиќ.

Врховниот суд одлуката ја донел по тридневно разгледување на жалбите на обвинетиот и на УСКОК во корупцискиот случај „Фими медиа“, во кој поранешниот хрватски премиер со неправосилна пресуда е осуден на девет години затвор и обврска да ги врати незаконски стекнатите 15,2 милиони куни или околу 1,9 милиони евра.

Санадер во моментот се наоѓа во затворот Реметинац единствено врз основа на пресудата во овој случај, односно издржува облигаторен притвор кој според тамошниот закон мора да му се одреди секому кому е изречена неправосилна затворска казна подолга од пет години.