Подглавна секција Хорор во Англија: Две деца загинаа, а девет се повредени во напад...

Хорор во Англија: Две деца загинаа, а девет се повредени во напад со нож од 17-годишник

Децата присуствувале на настап во танцовата школа кога напаѓачот вооружен со нож влегол во просториите и почнал да ги напаѓа

Фото: Photo by Erik Mclean on Unsplash

Две деца загинаа како последица на напад со нож во градот Саутпорт, на североистокот на Англија, соопшти полицијата, наведувајќи дека е уапсен 17-годишен напаѓач.

Во нападот се повредени уште девет деца, од кои шест критични, а двајца возрасни се во тешка состојба.

Полицијата соопшти дека осомничениот бил уапсен и пронајден е нож. Нападот се случил околу 12:50 часот по средноевропско време, а полицијата соопшти дека сè уште не е познат мотивот за нападот, но дека не е поврзан со тероризам и дека осомничениот немал соучесници.

Шефицата на полицијата во Мерсисајд, Серена Кенеди, на прес-конференција изјави дека полицајците биле шокирани кога пристигнале на местото и кога откриле дека голем број луѓе, повеќето деца, биле подложени на „жесток напад“ и се здобиле со сериозни повреди.

Според Кенеди, децата присуствувале на настап во танцовата школа кога напаѓачот вооружен со нож влегол во просториите и почнал да ги напаѓа.

„Веруваме дека возрасните кои беа повредени храбро се обидуваа да ги заштитат децата кои беа нападнати“, рече началникот на полицијата.

Според првичните информации, убиецот е од областа Бенкс, но по потекло од Кардиф.

Сведоци на настанот ја опишувале сцената како „ужасна“ и рекле дека „никогаш не виделе нешто слично“, пренесе Би-Би-Си.

„Кошмар е – најголемата, најстрашната работа што можеш да ја доживееш, да гледаш мали деца во таква состојба“, изјавувале очевидци.

Кратко време откако била повикана полиција, вооружени возила за одговор, 13 амбулантни возила и противпожарна служба се упатиле кон местото каде што се одржувала танцовата школа, кој била наменета за деца на возраст од шест до десет години.