Македонија Хелсиншки комитет бара Обвинителството да реагира на заканите со насилство

Хелсиншки комитет бара Обвинителството да реагира на заканите со насилство

Фото: mhc.org.mk

Хелсиншки комитет за човекови права во врска со говорот на омраза предизвикан од последните политички случувања во државата, побара Јавното обвинителство да реагира на сите јавни повици на насилство.

„Игнорирањето на говорот на омраза и неговите последици, отсуството на процесирање на ваквите случаи и речиси непостоечката судска пракса на ова поле, директно ја овозможува неговата ескалација во чувствителни општествено-политички моменти. Деновиве повторно сведочиме како новонастанатата политичка криза во државата автоматски предизвика силен бран омраза заснована на етничка и политичка припадност и тоа преку закани со војна, реваншизам, бесење, силување и други најави на насилство кон ‘другите’“, се вели во повикот од Хелсиншки.

Организацијата вели дека во врска со говорот и делата од омраза редовно поднесува пријави до Министерството за внатрешни работи.

„Но, според повратните информации кои ги добиваме, обвинителството е инстанцата каде што овие случаи заглавуваат без разрешница. Токму затоа сметаме дека ваквите загрижувачките трендови во јавната комуникација не смеат да останат без соодветен одговор од институциите, со оглед на минатото искуство и бројните кризи со кои се соочуваше нашето општество во изминативе три децении“, порачува Хелсиншки комитет за човекови права.