Македонија Хеликоптерите над Скопје денеска имале „рутински ниски прелети“

Хеликоптерите над Скопје денеска имале „рутински ниски прелети“

Хеликоптер „МИ-8“ на безбедносните сили денеска претпладне, ниско прелетувајќи го привлече вниманието на скопјани.

На прашање на „Мета“, во врска со прелетите, помошникот-министер за односи со јавност на МВР, Иво Котевски, вели дека не може да потврди дека хеликоптерот е на МВР, но и дека до него не е пристигната никаква информација за евентуален настан, за кој би била неопходна воздушна поддршка.

Неофицијално од Министерството велат дека летањето на хеликоптерите не мора секогаш да биде поврзано со некаков настан или акција на безбедносните сили, туку честопати станува збор за рутински прелети.

– Дозволата или лиценцата за летање на пилотите не се продолжува по автоматизам, како дозволата за управување со автомобил. Законските процедури и протоколи наложуваат тие што имаат лиценца за управување со хеликоптер, во текот на годината да имаат одреден број часови лет, а истото важи и за хеликоптерите за да се следи нивната кондиција – велат неофицијално од МВР.