Македонија Хајндл изразил поддршка за Јанева и за работата на СЈО

Хајндл изразил поддршка за Јанева и за работата на СЈО

Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, вчера попладне се сретнала со специјалниот германски пратеник Јоханес Хајндл. На средбата, како што стои во соопштението од СЈО, била истакната поддршката за непречено работење на ова јавно обвинителство во насока на исполнување на исклучително важниот мандат што му е зададен.

„Во оваа насока, тој го истакна и очекувањето за професионална соработка со ова јавно обвинителство во рамки на законски пропишаните одредби од страна на сите надлежни институции, како и потребата за давање поддршка од страна на потписниците на Договорот од Пржино. Од страна на специјалниот jавен обвинител, беа истакнати детектираните проблеми со кои се соочува ова јавно обвинителство, а кои ја наметнуваат потребата од изменување на законската регулатива. Воедно, беше истакнато дека ова јавно обвинителство, како досега, така и во иднина ќе продолжи да работи професионално, независно и објективно и исклучиво во рамките на законот, водејќи се од принципот за еднаквост на граѓаните пред Уставот и пред законите, како институција која е  одговорна за обезбедување на владеењето на правото“, стои во соопштението.