Македонија Груевски: Ставот ВМРО-ДПМНЕ е воведување класичен мнозински систем

Груевски: Ставот ВМРО-ДПМНЕ е воведување класичен мнозински систем

Пропорционалниот систем со шест изборни единици не прави никаков проблем, а ако разговараме за промена на системот, воведување на мнозински систем на гласање е систем којшто може да биде нова додадена вредност, рече премиерот Никола Груевски.

– Веќе долги години во Македонија имаме пропорционален систем со шест изборни единици. Од она што можам да го забележам тоа не прави никакви проблеми и системот е прилично добар. Ако веќе разговараме за промена на системот и ако сакаме да имаме некоја додадена вредност од оваа промена на системот, мислам дека воведувањето на мнозински систем на гласање е систем којшто може да биде нова додадена вредност. Ако се оди на промена, тогаш ставот на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде да се воведе класичен мнозински систем. Тогаш до израз доаѓа и личноста на пратеникот, не само партиската припадност, туку и личноста на секој пратеник – рече премиерот Груевски.

За дијаспората тој додаде дека не е само прашањето дали ќе го задржат правото на глас, туку дали ќе имаат свој пратеник преку којшто ќе ги искажуваат своите ставови, предлози и проблеми и тоа не смее да им се одземе.