Економија Груевски: Рангирањето на листата „Дуинг бизнис“ е резултат на сработеното

Груевски: Рангирањето на листата „Дуинг бизнис“ е резултат на сработеното

Рангирањето на Македонија на високо 12. место во извештајот„Дуинг бизнис“ (Doing Business) е нов и значаен успех за државата, смета премиерот Никола Груевски.

Тој истакна дека поради добрата бизнис-клима и непречените услови за водење бизнис, извештајот ја рангирал Македонија на 6. место за водење бизнис, каде што во конкуренција се најразвиените земји во Европа.

– Ова потврдува дека сме лидери во регионот, во Европа и во светот. Се наоѓаме пред етаблирани економии и развиени земји. Пред 24 земји-членки на ЕУ и далеку пред земјите во регионот. Високиот ранг е резултат на сработеното – изјави Груевски.

Колку за споредба, тој истакна дека на листата пред 10 години сме биле на 94. место, а денешниот успех се должи на спроведување на реформите за подобри услови за работа на приватниот сектор, за подобрување на бизнис-климата, животниот стандард, за креирање работни места.

Груевски истакна дека Владата макотрпно работела на изградба на современи институции, донесување модерна регулатива, законско намалување на бирократијата и на поедноставување на процедурите.

– Македонија е втора земја по Нов Зеланд каде што е најлесно да се отвори фирма. За два часа, со една постапка и не е потребен капитал и нотарска заверка на документите – додаде тој.

Премиерот зборуваше и за повластените стапки на ДДВ на голем број услуги, задржување на најниските даноци и за време на економска криза.

– Порано 43,5 проценти од профитот одеше за данок, а сега таа стапка е четирипати пониска. На тој начин остануваат повеќе ликвидни средства за компаниите кои подобро знаат да ги искористат од државата – изјави Груевски.

Процедурите за увоз и за извоз, исто така, според премиерот, се олеснети, а тоа е резултат на континуираните реформи во царината и на поевтинувањето на царинските услуги, скратување на царинските постапки.

Премиерот истакна дека потврдата доаѓа од релевантна институција која имала директна соработка со домашните комапнии, консултанти и институции, кои ја мереле состојбата на терен.

Извештајот, според премиерот, е добар сигнал за инвеститорите кои го сметаат за релевантен при носење одлуки за инвестиции.