Македонија Груевски: Професорите треба да произведуваат научна мисла, а не да бегаат од...

Груевски: Професорите треба да произведуваат научна мисла, а не да бегаат од неа

Со примена на државниот испит, очекувам универзитетските професорите активно да пишуваат и да испраќаат свои трудови во реномирани светски списанија, кои за да бидат објавени, треба да бидат квалитетни, изјави денеска премиерот Никола Груевски.

– Некој може десет труда да напише и сите да му ги одбијат, да не ги примаат во тие реномирани списанија што се со импакт-фактор и тука е нивната грижа. Делумно е заради напорот што треба да го даваат и да пишуваат, да креираат нова научна мисла – рече Груевски.

Според премиерот, ако професорите се посветат на работата и вложат многу труд, тој е уверен дека Македонија има потенцијал да стане поконкурентна на меѓународен план во делот на научната мисла.

– Затоа е потребен овој закон, затоа што сме на дното, на опашката во Европа во овој дел и затоа е револтот кај професорите. Ги разбирам, но не се согласувам со нив. Кога веќе решиле да бидат професори, треба да произведат квалитет, научна мисла, да работат и не треба да бегаат од тоа, бидејќи тоа го прават нивните колеги во сите земји, многу повеќе отколку тие – изјави Груевски.