Македонија Груевски приреди ифтар по повод рамазанските пости

Груевски приреди ифтар по повод рамазанските пости

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, синоќа приреди ифтар по повод рамазанските пости, соопштија од владејачката партија.

На вечерата присуствувале членови на Владата, министри и други функционери, како и членови и симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ и на коалициските партнери кои се од исламска вероисповед.

Груевски им го честитал големиот муслимански празник, а покрај тоа што им посакал здравје и успеси на сите припадници од муслиманската вероисповед во земјата, тој посакал и „заедно да се радуваат на наредната победа на изборите“.

– Ние веќе го направивме ова еден вид традиција, трета година по ред. Секоја година во периодот кога е овој муслимански празник организираме барем по една ифтарска вечера. Сакам на сите што сте од муслиманска вероисповед да ви го честитам празникот, да ви посакам многу здравје, здравје и во вашите семејства, на вашите најблиски, да ви посакам хармонија, мир во душата, успеси, среќа и радост во вашите семејства и во вашето опкружување и да се радуваме заедно на наредната победа на изборите – рекол Груевски.