Македонија Груевски: Не се повлекувам од лидерската позиција, граѓаните очекуваат оставка од Заев

Груевски: Не се повлекувам од лидерската позиција, граѓаните очекуваат оставка од Заев

Не планирам да се повлечам од лидерската позиција затоа што на последните избори победивме и освоивме најмногу гласови и имам долг кон сите граѓани што не поддржаа и што гласаа за нас да продолжиме да се бориме за една добра иднина за Македонија, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски одговарајќи на новинарско прашање по посетата на Институтот за филм во Охрид.

Груевски вели дека ова прашање го отвориле опонентските партии и медиуми блиски до нив поради нивната желба да дојде до смена на раководството во ВМРО-ДПМНЕ, затоа што според Груевски, тие имаат страв од раководство на ВМРО-ДПМНЕ и знаат дека ќе ги изгубат наредните избори.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека оставка треба да си даде лидерот на СДСМ Зоран Заев кој, како што рече, ги изгубил последните два изборни циклуси.

– Последните два изборни порази се на чело со Заев, и во 2014 и во 2016. Тој и во двата наврата вети пред граѓаните дека ако ги изгуби изборите ќе си даде оставка. Се уште веројатно многумина ја очекуваат или оставката или објаснување зошто и во 2014 кога вети дека ќе се повлече ако ги изгуби изборите не се повлече и зошто во 2016 кога јавно кажа дека ако ги изгуби изборите ќе се повлече се уште не го прави тоа – додаде Груевски.