Главна секција Груевски го информирал Билт за „приоритетите кои ѝ се добро познати на...

Груевски го информирал Билт за „приоритетите кои ѝ се добро познати на јавноста“

Поранешниот премиер и шеф на шведската дипломатија, Карл Билт, вечерва отпатува за Србија, по средбите со лидерите на парламентарните партии во Македонија.

Билт ја заврши својата посета на земјава со средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, но оттаму не откриваат повеќе датали за средбата.

На прашање на „Мета“ дали ќе има соопштение за средбата, од партијата рекоа дека нема да има и ни ја испратија следнава порака: „Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, заедно со членовите на раководството на партијата ги прими претставниците на невладината организација Европски совет за надворешна политика, предводена од Карл Билт. На средбата тој ги соопшти приоритетите на Република Македонија и на ВМРО-ДПМНЕ, кои ѝ се добро познати на јавноста“.

Шведскиот дипломат на одделните средби со лидерите на СДСМ, ДУИ и на Беса, разговарал за политичката состојба во Македонија, за можните решенија за излез од кризата, но и за притисокот врз невладините организации по предвремените парламентарни избори, одржани на 11 декември лани.

Билт рече дека не носи решение, туку дека тука е за да ги сослуша политичките лидери, кои треба да го најдат патот до решението. Сепак, тој на „Твитер“ даде свое мислење за тоа кои се трите клучни точки од кои политичарите треба да се водат при решавањето на кризата.

„Демократија. Устав. Европа. Почитта кон овие три работи ќе ја однесе Македонија напред. Тоа беше мојот одговор на прашањата од новинарите во Скопје“, напиша Билт.