Македонија Груевски – Ал-Басам: Саудискиот фонд за развој подготвен за поддршка на инфраструктурни...

Груевски – Ал-Басам: Саудискиот фонд за развој подготвен за поддршка на инфраструктурни проекти

Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, вчера, во рамките на посетата на Кралството Саудиска Арабија, во Ријад оствари средба со директорот на Саудискиот фонд за развој, Јусуф бин Ибрахим ал-Басам.

Саудискиот фонд за развој е финансиран и основан од државата Саудиска Арабија и е насочен кон финансирање проекти чија цел е потикнување на развојот и унапредување на соработката.

На средбата се разговараше за можностите за продлабочување на економската соработка, трговската размена и соработката на полето на инвестициите.

Премиерот Груевски го запознал соговорникот со мерките и со реформите што ги презема државата за поттикнување и за одржување на економскиот развој, насочени кон привлекување странски инвестиции и финансирање проекти од инфраструктурен карактер.

Директорот на Саудискиот фонд за развој, Јусуф бин Ибрахим ал-Басам го запознал премиерот Груевски со активностите на работа на Фондот и изрази подготвеност за соработка и за поддршка на проекти од различни сфери.