Дописници Грлото на хрватската претседателка украсено со три ниски охридски бисери

Грлото на хрватската претседателка украсено со три ниски охридски бисери

Грлото на госпоѓа Колинда Грабар-Китаровиќ, новоизбраната хрватска претседателка, го красат не една, туку дури три ниски охридски бисери – вели за охридското „Супер радио“ познатиот мајстор за изработка на охридскиот бисер, Климент Талев.

Едната ја добила како подарок, а двете други си ги купила, раскажува Талев и додава дека благодарение на бисерите, Грабар-Китаровиќ денеска е негова пријателка.

– Таа жена зрачи со една неопишливо убава и голема харизма. Лично се знам со неа и сме добри пријатели. Чекам да се устоличи на претседателската фотелја и да ѝ се јавам за да ѝ ја честитам новата функција, а потоа специјално ќе одам Загреб – објаснува Талев.

Во плејадата звучни светски имиња што го посетиле неговиот познат дуќан во Старата охридска чаршија има лордови, кралици, принцези, градоначалници и други. Бисери од Талевци имале принцезата Дајана, кралицата Елизабета Втора, принцезата од Кувајт, кралицата од Саудиска Арабија и многу други.

– Благодарение на бисерите, стекнав огромен број пријатели, познати и признати луѓе од целиот свет. Имам пријатели лордови од Лондон, градоначалници и други. Еве, овде на сликата над мене, е градоначалникот на бугарската општина Кремиковци, Ивајло Панев. Вие не знаете колкаво пријателство се разви меѓу нас двајцата. Но, јас му реков нему: „Ако сте националист и мене ме третирате како Бугарин, нашето пријателство завршува овде. Или ќе ме почитувате како Македонец, а јас Вас како Бугарин и пријателството ќе биде големо, или ништо од тоа“. И така остана – вели во интервјуто мајсторот на оригиналните бисери, Климент Талев.

Покрај неговото, во Охрид има уште едно семејство – Филеви, кое тврди дека изработува оригинален охридски бисер. Тие, пак, со охридски бисер ѝ го закитиле грлото на поранешната хрватска премиерка, Јадранка Косор.