Македонија Големо свлечиште го отсече гостиварското село Ломница од светот

Големо свлечиште го отсече гостиварското село Ломница од светот

Гостиварското село Ломница е целосно отсечено откако утринава падна големо свлечиште на патот што води до ова населено место. Екипи на Дирекцијата за заштита и спасување и од Општината Врапчиште се на местото на свлечиштето, каде се интервенира на расчистување на одроните од камења и од земја.

– Тука, на ова место, и пред два месеци падна голем одрон од земја и од камење. Денешното свлечиште падна утринава, околу 8.30 часот. Веднаш се интервенираше со механизација и очекуваме до крајот на денот патот кој води до село Ломница, да биде целосно прооден – изјави градоначалникот на Општина Врапчиште, Бајрам Кадрија.

Градоначалникот Кадрија ќе бара стручни тимови да работат на заштита на планинскиот предел кој води до село Ломница, од евентуални идни свлечишта.

– Треба најпрвин целосно да се прегледа овој терен, кој е со многу влажност, а потоа во соработка со стручњаци да се дадат препораки како да се стабилизира ова место и да се заштити, за да не ни се повторат идни ерозии – изјави градоначалникот Бајрам Кадрија.

Поради поројните дождови и големите снежните врнежи, во полошкиот регион годинава се појавија голем број ерозии на земјата, кои предизвикаа и материјални штети на повеќе домови изградени во планиските предели.