Култура Голем интерес за Стефан Миленковиќ и за „Танго компас“

Голем интерес за Стефан Миленковиќ и за „Танго компас“

На Античкиот театар во Охрид, со почеток во 21 часот, в сабота, проектот „Танго компас“ ќе се претстави пред македонската публика со маестрално танго-доживување.
Стефан Миленковиќ на виолина, Марко Хатлак на хармоника, Марко Чрнчец на пијано, Лука Херман Гајзер на контрабас и специјалната гостинка Ана Безјак – вокал, се повеќе од подготвени да ги опијат посетителите со супериорна танго-изведба.

На програмата се дела од Астор Пијацола, Ричард Галијано, Матос Родригез, Франсиско Канаро, Хуан Карлос Касерес, а за целосно доживување на огнената магија на тангото, на сцената ќе се појави и професионална танцова двојка.

Предводени од еден од најголемите виолинисти на денешницата, Стефан Миленковиќ, „Танго компас“ нудат неповторлива интерпретација на тангото.

Интересот за Стефан Миленковиќ и за „Танго компас“ е огромен, сличен на тој за концертите на Иво Погорелиќ. Цените на билетите се 400, 600 и 800 денари и можат да се набават преку интернет и во продажната мрежа на „МК Тикетс“.

Дуото „Танго компас“ веќе неколку години успешно настапува низ Европа. Двајцата одлични музичари Стефан Миленковиќ и Марко Хатлак, меѓу другото и страсни љубители на танго-музиката, постојано приредуваат незаборавни доживувања на слушателите секаде каде што ќе се појават.

Светски познатиот виолинист Стефан Миленковиќ многупати досега имаше можност да ѝ се претстави на македонската публика, која не остана рамнодушна на ниеден негов настап, уште од времето кога беше нарекуван „чудо-дете“ и кога ги воодушевуваше љубителите на музиката низ целиот свет. Подоцна овој мајстор на виолината ја надгради исклучителната концертна активност, настапувајќи со најреномираните светски оркестри и музички уметници.