Македонија Гловер: Избирачкиот список не е финализиран, ќе набљудуваме сè што е поврзано...

Гловер: Избирачкиот список не е финализиран, ќе набљудуваме сè што е поврзано со него

„За изборите да бидат регуларни, постои сеопфатна законска рамка, но се разбира дека зависи и од луѓето кои учествуваат во изборите, властите, општините и од Државната изборна комисија. Ние ќе набљудуваме како ќе ја спроведуваат таа рамка“, вели шефицата на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР во Македонија, Одри Гловер, во неделното интервју на „Радио Слободна Европа“.

На прашањето дали избирачкиот список е доволно прочистен, таа вели дека тој е важен, бидејќи ОБСЕ/ОДИХР веруваат во еднаквото и универзално право на глас и тоа е нешто што внимателно го набљудуваат.

„Избирачкиот список сè уште не е финализиран и, како што кажав, и тоа ќе го набљудуваме бидејќи за избирачкиот список имавме забелешки во минатото. Затоа многу внимателно ќе следиме сè што е поврзано со ова прашање“, изјави Гловер.

Таа информираше дека во тимот на ОБСЕ/ОДИХР имаат 16 луѓе кои ќе останат во главниот град, а ќе имаат и набљудувачи кои ќе дојдат пред изборите.

Изборната кампања за локалните избори на 15 октомври почнува утре.