Македонија Главчев: Бугарија нема повторно да преговара за договорот со Северна Македонија

Главчев: Бугарија нема повторно да преговара за договорот со Северна Македонија

Тие (н.з. македонската страна) велат дека нема да преговараат со преодна влада, но јас би рекол дека тие не сакаат да преговараат, бидејќи нема за што да се преговара, изјави Главчев

Фото: Официјален профил на Фејсбук на Димитар Главчев

Бугарија нема повторно да преговара за условите од договорот со Република Северна Македонија, изјави техничкиот премиер Димитар Главчев, пренесоа бугарските медиуми. 

„Нема за што да се преговара. Ние го имаме ставот на Бугарија. Тие (н.з. македонската страна) велат дека нема да преговараат со преодна влада, но јас би рекол дека тие не сакаат да преговараат, бидејќи нема за што да се преговара. На последниот Европски совет изјавив дека Република Северна Македонија не се придржува кон своите обврски, а истото го кажа и премиерот на Грција. Република Северна Македонија не го почитува Договорот од Преспа, затоа го кажавме нашиот став на највисоко можно ниво – Европскиот совет“, рече тој.

Претседателот на пратеничката група Тошко Јорданов, како што пренесуваат бугарските медиуми, потсетил на говорот на премиерот Христијан Мицкоски од април годинава, кога Бугарија ја нарекол „фашистички окупатор“:

„На 19 септември, односно за неколку дена, премиерот на таканаречената држава Северна Македонија, Христијан Мицкоски, ќе оди во Брисел да разговара со Бугарија за уставните измени со задоцнет ефект“, коментирал Јорданов.