Македонија Гир: Да се бориме против корупцијата преку државните институции

Гир: Да се бориме против корупцијата преку државните институции

Фото: Мета.мк

Северна Македонија мора да избере дали ќе се движи напред, одлучно да се справува со корупцијата или ќе дозволи шемите на корупција да се вкоренуваат уште повеќе. Ова денеска го истакна евроамбасадорот Дејвид Гир, на прес-конференција пред состанокот со институциите кои имаат надлежност за справување со корупцијата. На овој состанок ќе се разгледаат забелешките од Извештајот за реформскиот напредок на Република Северна Македонија подготвен од Европската комисија.

Според Гир, најважно е да се бориме со корупцијата преку државните институции.

„Таа борба треба да се одвива преку закони и кодекси на однесување, тоа значи стимулации за промоција на услугите и сериозни санкции за коруптивното однесување. Тоа значи спроведување. Тоа значи, кога некој незаконски ќе заземе некое земјиште и ќе гради, обвинителството мора да дејствува, а судовите да реагираат брзо без разлика кој е тој човек и колку и да е влијателен, колку и да е поврзан“, нагласи Гир.

Тој кажа дека треба да се зацврстат клучните системи за интегритет преку реформи на системите за набавка и финансиско управување во државата.

„Поголема транспарентност и развој на капацитетите на државните институции за ревизии и антикорупција. Се работи за партнерство со бизнисите, како и партнерство со слободните и професионални медиуми кои ќе ги следат највисоките стандарди, кои ќе бидат ослободени од закани, навреди или поткуп во каква било форма“, рече Гир.