Македонија Германија се интересира за напредокот во преговорите за името

Германија се интересира за напредокот во преговорите за името

Грчко-македонските односи и преговорите за решавање на спорот за името беа една од клучните теми на разговор во Берлин меѓу грчкиот заменик-министер за надворешни работи задолжен за европски прашања, Никос Ксидакис, и неговиот германски колега, заменик-министер за европски прашања Мајкл Рот.

Рот се интересирал за грчката политика околу големите национални прашања, како кипарското и спорот за името со нашата земја. Поконкретно, побарал од Ксидакис да го информира за насоката во која се движат македонско-грчките односи и да даде процена какви се можностите да се најде решение во текот на годината, посочувајќи дека решение за ова прашање би имало позитивен ефект и за двете држави, но и за Европа.

Ксидакис истакнал дека Грција сите овие години ја поддржува Македонија и финансиски и од секој друг аспект. Изјавил дека грчката влада сака и работи во насока на заеднички прифатливо решение. Како позитивно придвижување во односите меѓу Скопје и Атина, го споменал развивањето на дијалог меѓу шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕиас, и македонскиот министер за надворешни работи, Никола Попоски, посочувајќи дека ваквата комуникација може да им донесе корист на двете страни.

За потсетување, Коѕиас и Попоски по неколкуте средби на странско тло, го скршија мразот и имаа средби и во Скопје и во Атина за да дискутираат за билатералните односи и за спроведувањето мерки за градење доверба.

Рот и Ксидакис се фокусирале и на бегалската криза, како еден од клучните проблеми што ја засегнуваат Европа. Грчкиот министер во разговорите посочил на важната функција што ја има грчката држава во оваа ситуација, посочувајќи дека Грција и практично ја покажала хуманитарната идеологија на Европа, спасувајќи повеќе од 100.000 бегалци.