Свет Германија предлага дозволите за азил да се издаваат во Африка

Германија предлага дозволите за азил да се издаваат во Африка

Германското министерство за внатрешни работи поведе иницијатива за мигрантите да бидат пресретнати додека го преминуваат Средоземното Море и да бидат вратени во државите во Северна Африка, пренесува „Ројтерс“. Според германското МВР, Европската Унија треба да го прифати начинот на справување со мигрантите по примерот на Австралија, со кој тие се пресретнуваат на поморскиот пат и се пренесуваат во кампови во други држави. Таму, доколку им бидат одобрени документите за азил, мигрантите ќе можат слободно и безбедно да стигнат во државите на Европската Унија.

Берлин сака дозволите за азил да се издаваат во држави на северот од Африка, со објаснување дека на тој начин ќе биде поголема безбедноста на патот на мигрантите и ќе се спречи работењето на нелегалните групи, кои овозможуваат нелегално преминување на европските граници.

Министерот за внатрешни работи, Томас де Маизир, доаѓа од демохристијанската конзервативна партија на Ангела Меркел, а канцеларката изминатиот период беше под силен притисок од јавноста поради нејзината политика на отворени врати за мигрантите. Министерот Маизер вели дека сè уште нема конкретни планови и дека иницијативата не е дискутирана во институциите на Европската Унија.

Опозицијата во Германија го осуди овој предлог објаснувајќи дека остварувањето на овој предлог ќе биде хуманитарен скандал, а австралискиот начин на пренасочување на мигрантите го карактеризираше како апсолутно неприфатлив за Германија.

Според информациите од Интернационалната организација за миграција, околу 160.000 луѓе стигнале на брегот на Италија преку Медитеранот оваа година, а 4.220 мигранти загинале преминувајќи преку морето.