Македонија Француски сертификати за обуката „Усно интервју при вработување“

Француски сертификати за обуката „Усно интервју при вработување“

Амбасадата на Франција во Македонија и Министерството за информатичко општество и администрација ги доделија сертификатите за учество на дводневната обука „Усно интервју при вработување“, што беше организирана во декември минатата година и реализирана од француски експерт за 15 македонски државни службеници.

– Денеска ги доделуваме сетификатите на македонските државни службеници што ја следеа обуката. И оваа година ќе организираме низа обуки наменети за македонските државни службеници затоа што Франција поседува огромно искуство на ова поле. Освен обуките, издаден е и водич при вработување. Работиме и на поголема искористеност на европските фондови, но и на воспаставување вистинска администрација што ќе помогне за подобрување на сите услуги и за да можат државните служебници добро да си ја вршат работата – рече француската амбасадорка Лоренс Оер.

Јахи Јахија, државен секретар во Министерството за информатичко општество и администрација, се заблагодари за поддршката што Министерството ја добива од француската амбасада.

– Обуката е резултат на соработката што ние ја имаме изминатите неколку години. Работиме и на нови идеи и на нови проекти, кои заедно со амбасадата и со нејзина поддршка ќе ги реализираме во наредниот период. Република Франција има голема традиција во делот на администрација и затоа учиме многу од нив и сме благодарни за нивната поддршка – рече Јахија.